недеља, 7. децембар 2014.

ВИТАМИНИ

Витамините (латински: vita-живот) се комплексни соединенија со различна хемиска природа, кои, како што кажува самото име, се мошне важни за животот на една индивидуа.
Поточно, тие во многу мали количини се потребни за растењето, нормалното функционирање на клетките и ткивата и општо, за одржување на здравјето.
Растенијата и некои микроорганизми се способни сами да ги синтетизираат витамините, додека животните мора да ги внесуваат со храната.Витамините се среќаваат во две основни форми: активна (дејствуваат веднаш во организмот) и неактивна (за да дејствуваат, треба да се активираат).
Повеќето витамини, животните ги внесуваат во активна форма, но има и такви, како витамините A и D кои се внесуваат во организмот во неактивна форма. Витамините во неактивна форма се означуваат како провитамини.
          Сите витамини растворливи во вода, освен витаминот C, влегуваат во структурата на одредени ензими како коензими.
          Делумниот недостиг на определен витамин во организмот се нарекува хиповитаминоза, додека целосниот недостиг-авитаминоза.
Меѓутоа, и преголемата застапеност нa одреден витамин во организмот е штетна, состојба означена како хипервитаминоза. .
          Витамините се делат на витамини растворливи во вода ивитамини растворливи во масти.

ВИТАМИН В-12

Б12 е есенцијален витамин од витаминското семејство нарекувано и Б комплекс, кој учествува во различни процеси низ целото тело.

Тоа е најголемиот и хемиски најкомплексниот витамин.

ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБЕН ВИТАМИН Б-12?

Витаминот Б12, познат и како кобаламин е витамин растворлив во вода. Неопходен е за развивање и одржување на здрав нервен систем, создавање на ДНК и формирање на црвени крвни зрнца.
Дефицитот на витамин Б12 може да доведе до состојба позната како мегалобластна анемија.

За разлика од другите витамини од Б групата кои не можат да бидат складирани во телото и мора да бидат внесувани секојдневно, нашиот организам има способност да складира витамин Б12 во црниот дроб, потребен за повеќе од една година, па недостигот од овој витамин е ретка појавa.

СИМПТОМИ ПРИ НЕДОСТИГ НА ВИТАМИН Б-12

Недостигот на витамин Б12 настанува кога телото не добива доволно или не може да го апсорбира количеството витамин кое му е неопходно.
Многу лица над 50 години ја губат способноста да го апсорбираат витаминот Б12 од храната и се препорачува да го внесуваат преку суплементи.
Во ризичните групи спаѓаат и лицата кои следат строга вегетаријанска исхрана, затоа што најдобар извор на Б12 е токму месото.
Особено голем е ризикот кај веганите кои воопшто не консумираат продукти од животинско потекло.
Бебињата чии мајки се вегетаријанци можно е да страдаат од дефицит на витамин Б12.
Алкохоличарите исто така се ризична група и треба да внимаваат на внесеното количество витамин Б12.
Недостигот на витамин Б12 не е честа појава.
Се развива бавно, па симптомите постепено го зголемуваат интензитетот.
Кога во телото има сериозен недостиг на витамин Б12, некои од симптомите се:
  •        Слабост, замор, недостиг на енергија или вртоглавица;
  •             Дијареја и запек;
  •        Инконтиненција; 
  •            Проблеми со концентрацијата;
  •            Забрзан срцев ритам и забрзано дишење;
  •            Воспален јазик или крварење на непцата;
  •            Бледа и жолтеникава кожа.


Ако оваа состојба не се лекува, долготрајниот недостиг на витамин Б12 може да доведе до оштетување на нервните клетки и да предизвика симптоми како:
  •   Депресија;
  •    Халуцинации;
  •  Губење на рамнотежа;
  •    Конфузност и сериозни проблеми со помнењето;
  •    Вкочанетост или трнење на рацете и нозете.

ПРЕПОРАЧАНИ ДНЕВНИ ДОЗИ НА ВИТАМИН Б-12

Препорачаните дневни дози од овој витамин варираат по возраст и се следниве:

  •  Новороденчиња (0-6 месеци) – 0,4μg;
  •   Новороденчиња (7-12 месеци) – 0,5μg;
  •   Деца (1-3 години) – 0,9μg;
  •   Деца (4-8 години) – 1,2μg;
  •   Деца (9-13 години) – 1,8μg;
  •   Адолесценти и возрасни (14 години и нагоре) – 2,4μg;
  •   Бремени жени – 2,6μg;
  •   Доилки – 2,8μg.

ХРАНА БОГАТА СО ВИТАМИН Б-12

Храната од животинско потекло е природен извор на витамин Б12, но денес многу продукти, како житарки, се збогатени со овој витамин.
За да внесувате доволни количини витамин Б12, се препорачува да консумирате:
 -  Школки и ракови;
 -  Риба;
 -  Јајца;
 -  Црвено месо (особено црн дроб);
 -  Месо од живина;
 -  Млеко и млечни производи.